Ekipa
14 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
АНКАРА (АА) - Приватните телекомуникациски компании и интернет-провајдерите инвестираа околу 2,45 милијарди долари во инфраструктурата, вклучувајќи истражување и развој во 2016 година, изјави денес турскиот министер за комуникации, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нашата цел е понатамошно зголемување на оваа сума“, рече Ахмет Арслан во последниот објавен извештај на кварталните податоци за пазарот, за секторот на електронски комуникации во земјата.
Министерот рече дека во последниот квартал од 2016 година, приходите на операторите изнесувале околу 4,04 милијарди долари, додека вкупната годишна стапка била околу 15,03 милијарди долари.
Приходите на компаниите се зголемиле за 14,7 отсто во период од една година (2016). Најважната точка е големиот интерес на компаниите во областа истражување и развој, и инвестициите за одржување.
„Како влада, ние воведуваме прописи што го трасираат патот за инвеститорите во ИТ-секторот. Резултатите може да се видат во зголемувањето на инвестициите“, рече тој.
Арслан истакна дека бројот на претплатниците на мобилниот интернет се зголемил на 75,1 милион во 2016 година, од 68,8 милиони во минатата година, додека бројот на претплатниците на широкопојасен интернет изнесувал 62,2 милиони.
„Турција е рангирана на прво место меѓу европските земји, со просечно месечно користење на мобилен интернет од 426 минути“, додаде тој.
Повикувајќи се на растењето на 4,5 G услуги, Арслан рече дека во последниот квартал од 2016 година, бројот на корисниците се зголемил за 17 отсто, на 19,2 милиони, од 16,4 милиони во претходниот квартал на годината.
„Зголемувањето во брзината имаше позитивен ефект за користењето на интернетот“, рече Арслан.
„Месечното користење на мобилен интернет по лице во последниот квартал на 2016 година се зголеми на 2,2 гигабајти, од 1,3 гигабајти во однос на истиот период од претходната година. Но, уште поважно, употребата на мобилниот интернет од 4,5 G кај претплатниците достигна 5,4 гигабајти. Користењето податоци во иднина ќе се зголеми со ширењето на 4,5 G, и со лансирањето на 5G“, додаде тој.
Исто така, Арслан рече дека должината на каблите за мрежа со оптички влакна се зголемиле за 8,5 отсто, на 291.000 километри до крајот на минатата година, додека бројот на претплатниците се зголемил за 15,2 отсто, на 1,93 милиони.
„Ние веруваме дека Турција ќе биде една од првите земји што ќе преминe на 5G. Нашата цел да се постигне ова е преку употребата на локално произведените материјали“, додаде тој.