Sefa Şahin
15 Јануари 2019•Ажурирај: 16 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Управата за верски работи на Република Турција (Дијанет) и еден од челниците на Фондацијата „Дијанет“ (TDV), Али Ербаш и претседателот на турската Фондација „Маариф“ (TMV), Бирол Акѓун, потпишаа договор за соработка во областите на културата и образованието и борбата против структурите кои ја злоупотребуваат верата, меѓу кои терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Церемонијата на потпишување на протоколот е одржана во Анкара, а Ербаш во оваа пригода изјави дека Управата за верски работи секоја година во Турција и странство организира конференции со фокус на верска тема, а особено внимание придава на борбата против организациите кои ја злоупотребуваат верата, вклучувајќи ја и ФЕТО.
Тој ги пофали напорите кои Фондацијата „Маариф“ ги вложува на полето образование надвор од границите на Турција и смета дека во рамките на соработката е потребно на луѓето на правилен начин да се пренесе знаењето за верските прашања, како во Турција, така и надвор од неа, и да се спречи ширењето на исламофобијата.
Ербаш потсети дека овие напори се интензивирани по обидот за државен удар во Турција, кој се случи на 15 јули 2016 година.
„Фондацијата „Дијанет“ и Фондацијата „Маариф“ ќе ги обединат силите за да овозможат образование на децата на сите луѓе, како во земјата, така и надвор од неа“, изјави Ербаш.
Акѓун изјави дека Турција има неколку институции кои дејствуваат на различни полиња, а дека меѓу поистакнатите се Управата за верски работи на Република Турција (Дијанет) и Фондацијата „Дијанет“.
Со овој протокол, како што рече тој, имаат намера да ги споделат искуствата и информациите во полињата на дејствување, и така вредностите кои ги претставуваат, да ги подигнат на повисоко ниво.
„Најефикасен начин на борбата против ФЕТО и сличните организации е неоставањето простор за нивно дејствување. Тоа што институциите како нас не беа доволно силни, е можеби една од причините на досегашниот раст на тие структури. Со оваа соработка преку исправни канали и методи ќе ги пренесуваме пораките потребни на луѓето и во странство ќе ги претставуваме вредностите за кои Турција се залага“, појасни Акѓун.