Handan Kazancı
23 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција е подготвена да соработува доколку започне меѓународна истрага во врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (АА).
Зборувајќи во уредничкиот деск на AА, Чавушоглу рече дека е важно тоа што Саудиска Арабија го прифатила тоа дека Кашоги е убиен, иако станува збор за доцна изјава.
„Турција нема споделено докази за случајот со Кашоги со ниту една земја, но може да се случат состаноци меѓу разузнавачките служби“, додаде тој.
Тој, исто така, нагласи дека Турција е подготвена да соработува во можната истрага за случајот во ОН, меѓународните судови и институциите.
Чавушоглу ги даде овие изјави во пресрет на подготовките на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, да ги објави прелиминарните наоди во врска со истрагата на Анкара и скептицизмот во врска со објаснувањето на Саудиска Арабија за тоа што се случило со Кашоги.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија вчера наутро соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
Турција и Саудиска Арабија формираа заедничка работна група која го истражува овој случај. Спроведена е истрага во саудискиот Конзулат и во Резиденцијата на генералниот конзул на таа земја во Истанбул.