Furkan Abdula
16 Мај 2018•Ажурирај: 18 Мај 2018
БОГОВИЊЕ (АА) - Денес во организација на Турската агенција за координација и соработка (ТИКА) се одржа церемонија за отворање на реставрираната и опремена амбуланта во селото Урвич, кое се наоѓа во Општина Боговиње, јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа церемонија присутвуваа министерот за здравство на Македонија, Венко Филипче, координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајден, градоначалникот на Општина Боговиње, Аљбон Џемаили, директорот на Здравствениот дом Тетово, Тахир Тахири, како и жителите на село Урвич.
Министерот Филипче во изјава за медиумите истакна дека на овој ден на почетокот на рамазанските пости има чест да ја отвори целосно реновираната амбуланта во селото Урвич
„Подготвена и најсовремено опремена за да даде услуги од областа на општата медицина и од стоматологијата за жителите на селата Урвич, Јаловјане и Ново Село. Подготвена е и екипа од доктор и медицинска сестра којшто наскоро ќе почне да работи во состав на сервисот на Здравствениот дом во Тетово“, рече Филипче.
Упатувајќи благодарност до ТИКА којашто, како што рече тој, е една од најсериозните институции која помага во поддршката на здравствениот систем во Македонија, Филипче изрази надеж дека таа соработка ќе продолжи и понатаму.

Координаторот на ТИКА во Скопје, Ајден, истакна дека тие како ТИКА реализираат голем број активности во Македонија, но, според него, проектите во областа на здравството се нивен приоритет, и ги сметаат за многу важни.
„Со почитуваниот министер имаме добра соработка и дијалог во насока на овие проекти. Со заемни консултации, ги сметаме за многу важни здравствените активности на ТИКА наменети за Македонија, нејзиниот народ, особено за младите и децата“, додаде Ајден, кој рече дека во последните четири месеци потрошиле над 20 милиони денари во рамките на реализираните проекти во оваа област.
Ајден нагласи дека заедно со министерот за здравство ќе работат во насока на организирање обука за здравствениот персонал и пренесување на искуството на Турција во оваа област.
„Денеска го реализиравме опремувањето на амбулантата, каде што ќе биде овозможена прва помош, рутински здравствени контроли, вакцини за децата и офталмолошки услуги. Создадена е и средина за вршење на стоматолошки услуги“, нагласи Ајден.
Градоначалникот на Општина Боговиње, Џемаили, нагласи дека благодарение на ТИКА оваа амбуланта е меѓу најдобрите амбуланти што ги имаат во Општината.
„Сега веќе имаме нова амбуланта благодарение на турската власт, турскиот народ, во соработка со Општината, јас како градоначалник и министерот за здравство“, додаде тој.
Директорот на Здравствениот дом Тетово, Тахири, рече дека тие како здравствен дом се многу благодарни на ТИКА која позитивно одговори на нивното барање за целосна реконструкција на амбулантата во село Урвич.
„Денеска оваа амбуланта ги исполнува сите пропишани стандарди за давање здравствени услуги“, истакна Тахири.