Dilara Zengin Okay
27 Јануари 2022•Ажурирај: 28 Јануари 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Профитот на американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ достигна рекордно ниво од 5,5 милијарди долари во 2021 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Компанијата „Тесла“ го објави својот биланс за четвртиот квартал од 2021 година.
Според тоа, нето-добивката на компанијата во четвртиот квартал од минатата година е зголемена за 760 отсто во однос на истиот период од претходната година, достигнувајќи 2,3 милијарди долари.
Нето-добивката на „Тесла“ беше 270 милиони долари во четвртиот квартал од 2020 година.
Профитот на компанијата во текот на 2021 година се зголеми за 665 отсто во однос на претходната година и достигна рекордно ниво од 5,5 милијарди долари.
Приходите на „Тесла“ во четвртиот квартал од минатата година, исто така, се зголемија на 17,7 милијарди долари, што е зголемување од 65 отсто во споредба со истиот период од претходната година.
Компанијата имаше приход од 10,7 милијарди долари во истиот период од 2020 година.
Минатата година, вкупните приходи на производителот на електрични автомобили се зголемија за 71 отсто искачувајќи се на 53,8 милијарди долари.
Добивката на „Тесла“ по акција, која беше 0,24 долари во четвртиот квартал од 2020 година, се зголеми на 2,05 долари во четвртиот квартал од минатата година.
Американскиот производител на автомобили испорача над 936.000 возила низ светот во 2021 година.
Во соопштението, компанијата, меѓу другото, предупреди дека проблемите со синџирот на снабдување предизвикани од појавата на Ковид-19 ќе продолжат да го ограничуваат производството и во текот на оваа година.