Firdevs Yüksel
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Цените на нафтата на светскиот пазар пораснаа поради зголемената загриженост во поглед на понудата на енергенти на пазарот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓународната референтна цена на нафтата од типот брент изутрина изнесуваше 101,88 долари по барел, по порастот на цената за 1,69 долари.
Американскиот „Вест Тексас Интермедиејт“ (WTI) тргуваше по цена од 98,22 долари по барел по порастот на цената на нафтата.
Сè поголемата загриженост во поглед на понудата на енергенти на глобалните пазари предизвика пораст на цената на нафтата.
Руската енергетска компанија Газпром вчера соопшти дека турбинскиот мотор Сименс на компресорската станица Портоваја, што се користи за Северен тек, еден е од гасоводите со кој рускиот гас се доставува во Европа преку Германија, e запрен од технички причини поради што количината на природниот гас што се доставува преку гасоводот ќе биде намалена.
Газпром на 15 јуни ги намали испораките на природен гас преку Северен тек за 60 отсто, со образложение дека турбината на Сименс не е вратена во Русија по одржувањето во Канада.
Овој развој на настаните ја зголеми загриженоста дека индустриското производство во Европа би можело да биде нарушено во текот на зимските месеци поради недостаток на природен гас.
Експертите сметаат дека високите цени на природен гас, предизвикани од руското намалување на испораката на гас, довеле до загриженост дека побарувачката би можела да се префрли на нафта во Европа и дополнително да го поттикне недостигот од понудата.