Од најлонски шатор до медицински факултет: Успешна приказна на младо момче од Турција
- Ахмет Дениз (18) од Анталија, кој летните распусти ги минувал работејќи со семејството во шумарството, и покрај тешките животни услови се запиша на Медицински факултет на кој отсекогаш сонувал да студира
Vahit Hamdi Öz
18 Септември 2026•Ажурирано: 18 Септември 2026
photo: Vahit Hamdi Öz / AA
АНТАЛИЈА
Ахмет Дениз (18) од округот Аксеки во Анталија, кој летните распусти ги минувал работејќи со своето семејство во шумарството, со возбуда го очекува денот кога ќе седне во студентските клупи на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Хаџеттепе“ откако успеал да се запише и покрај тешките животни услови, пишува Анадолу.
Ахмет е син на Мехмет и Јилдиз Дениз, кои во Аксеки се издржуваат од работа во шумарството.
Околу 12 години, во периодите кога семејството работи, тој живее со родителите во најлонски шатор што го поставуваат во шумска област.
Во времето кога не бил во училиште или не учел, младиот Ахмет им помагал на родителите, а распустите најчесто ги минувал лупејќи кора од трупци, чистејќи ги местата каде што се сечат дрвјата и извршувајќи различни тешки шумарски работи.
– Од најлонски шатор до Медицинскиот факултет „Хаџеттепе“ –
И покрај тоа што поголем дел од денот го минувал во физички напорна работа, Ахмет не се откажал од образованието. Секој слободен момент го користел за да учи.
Фотографија : Vahit Hamdi Öz/AA
Благодарение на редовното и дисциплинирано учење, Ахмет успеал да го положи испитот за високообразовни институции (ЈКС). Во категоријата природно-математички науки го освои 636. место во Турција, со што се стекна со право да се запише на англиската програма на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Хаџеттепе“, каде што сонувал да студира.
Неговиот успех донесе голема радост и гордост во семејството.
– „Сфативме дека не постои нешто што е невозможно“ –
Таткото Мехмет Дениз за АА рече дека се пресреќни поради успехот на својот син.
Тој истакна дека Ахмет никогаш не го запоставувал учењето и дека до успехот стигнал благодарение на сопствената упорност.
Раскажувајќи дека никогаш не вршеле притисок врз синот да учи, Дениз рече:
„Никогаш не му велевме на Ахмет: ’Учи.‘ И покрај неможноста, тој сам си создаде услови. Учеше со љубов, желба и голема упорност.“
Таткото изрази надеж дека успехот на неговиот син ќе биде пример и за другите млади.
„Многу сме среќни и горди што Ахмет се запиша на Медицинскиот факултет ’Хаџеттепе‘. Преку неговиот успех видовме дека за младите нема пречки пред успехот и дека не постои нешто што е невозможно. Се надеваме дека успехот на Ахмет ќе биде надеж и за другите млади лица“, рече тој.
Фотографија : Vahit Hamdi Öz/AA
И мајката Јилдиз Дениз рече дека успехот на синот многу ги израдувал.
Таа истакна дека Ахмет не се откажал од образованието и покрај тешките услови во кои работел.
„Многу сум среќна и горда поради успехот на мојот син. Неговите наставници имаат огромна заслуга за тоа што стигна дотука. Им благодарам на наставниците, но и на сите што му помогнаа на мојот син“, рече таа.
– „Среќата што му ја донесов на моето семејство ми значи многу“ –
Ахмет Дениз рече дека со запишувањето на Медицинскиот факултет „Хаџеттепе“ остварил една од своите најголеми цели.
Тој истакна дека за него е особено важно што успеал да му донесе голема радост на своето семејство и дека поставените цели имале значајна улога во неговиот успех.
Раскажувајќи дека сакал неговото семејство да живее во подобри услови, младиот Ахмет рече:
„Сакав моето семејство да живее во подобри услови и да ги спасам од овој тежок живот. Таа мисла ми даваше сила додека учев.“
Дениз нагласи дека за време на распустите им помагал на родителите и работел во шумарството, но дека тешкотиите со кои се соочувал никогаш не го натерале да се откаже од целта да учи.
– „Ограничете го користењето на телефонот и социјалните мрежи за успех“ –
Давајќи им совети на младите што се подготвуваат за приемни испити, Дениз рече:
„На младите би им препорачал малку да се оддалечат од телефоните и социјалните мрежи. Тие многу го одвлекуваат вниманието. За да се постигне целта, треба да се работи редовно, трпеливо и со желба.“
Ахмет Дениз, кој со својот успех предизвика големо внимание, рече дека негова следна цел е да стане добар турски лекар што ќе биде од корист за својата земја и народ.
„Пред сè, сакам да им се заблагодарам на моето семејство и на сите мои наставници што вложија труд во мене“, рече тој.