Ekipa
13 Јули 2021•Ажурирај: 14 Јули 2021
АТИНА (АА) - Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис соопшти дека вакцинацијата на здравствениот персонал ќе биде задолжителна од септември, во рамките на борбата против пандемијата на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По бранот нови случаи, Мицотакис во телевизиско обраќање изјави дека вакцинирањето ќе биде задолжително за целиот персонал во приватните и болниците на јавното здравство од 1 септември, додека на невакцинираните лица ќе им биде забранет влез во затворени простории.
Поточно, грчкиот премиер нагласи дека целиот персонал во установите за згрижување стари лица е должен да биде целосно вакциниран, и дека оние што нема да го исполнат тоа ќе бидат суспендирани почнувајќи од 16 август.
„Сите затворени простории, во кои спаѓаат и просториите за забава и спортските арени, ќе примаат за влез само вакцинирани лица, за што ќе биде подготвена дигитална апликација што ќе обезбеди потврда за вакцинацијата“, појасни Мицотакис.
„Земјата нема да се затвори [да биде под карантин] поради ставот на одредени луѓе“, нагласи тој.
Мицотакис, исто така, појасни дека сите места за забава нема да можат да примат луѓе без место за седење во текот на летото, додека кафулињата и рестораните, каде што моментално е дозволено само седење на отворено, ќе можат да додадат повеќе маси на отворено.
„Целта на Владата е да вакцинира најмалку 70 отсто од возрасната популација на земјата“, рече тој и посочи две пречки: делта-сојот на вирусот и оние кои не сакаат да се вакцинираат.
„Тоа е двојна закана со која треба да се справат сите земји“, рече Мицотакис.
Во Грција вчера регистрирани се 2.065 новозаразени, според податоците на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), со што вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата достигна 440.872.
Пријавени се и 10 смртни случаи, со што вкупниот број на починати од коронавирусот изнесува 12.802.