Ekipa
12 Април 2018•Ажурирај: 12 Април 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ во Сирија, покрената на 20 јануари, неутрализирани се 4.123 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој, зборувајќи на отворањето на новата железничка линија во Анкара, изјави дека една држава може да има граници, но тие не можат да имаат срце.
„Затоа, каде и да има и само еден наш брат, должност ни е да бидеме со него кога тоа му е потребно“, порача Ердоган.
Тој додаде дека особено ги вознемирува тоа што одредени земји, потпирајќи се на своите воени сили, Сирија ја користат за меѓусебен натпревар.
„Денес имам разговор со Путин. Пак ќе разговарам како да го запреме овој хемиски масакр“, порача Ердоган.
Тој додаде дека грешат оние кои мислат дека можат да ги спасат терористите на ПЈД.
„Ние ќе ги уништиме сите терористи на ПЈД, на овој или на оној начин“, истакна Ердоган.
Порача дека ќе продолжат да бидат присутни во своите активности сѐ додека сириската територија не биде сигурна и безбедна.
Тој изјави дека Турција сака претставата која се игра во Сирија и Ирак, да се остави настрана и да паднат маските.
Ердоган смета и дека грешат оние кои ги поддржуваат режимските сили на сирискиот претседател Башар ал Асад.
„Грешат и оние кои ја поддржуваат терористичката организација ПЈД. Ние до крајот ќе се бориме со двете грешки“, изјави тој.
Тој ги советуваше и сојузниците и нивните воени сили да не бидат блиски со терористите на ПЈД.
Понатаму, тој истакна дека Турција е единствена земја која во Сирија носи безбедност, мир и благостостојба, а дека немирот и тиранијата се на подрачјата во кои се активни другите сили.
„Ако даде Господ, Идлиб, Тел Рифат, Мунбич, Кобане, Тел Абјад, Ресулајн, Камишли, сите овие региони ќе ги направиме безбедни и ќе им овозможиме на сите Сиријци да се вратат во своите домови“, истакна Ердоган.
Осврнувајќи се на мегапроектите во Турција, меѓу кои и Истанбулскиот канал, изјави дека земјата продолжува безбедно да чекори на својот пат.