Nuran Erkul Kaya
29 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
БАКУ (АА) - Јужниот гасен коридор, кој ќе ги снабдува Турција и Европа со касписки ресурси на гас е официјално промовиран на церемонијата одржана вчера на терминалот „Sangachal“ во Баку, јавува Anadolu Agency (AA).
Јужниот гасен коридор е еден од најголемите проекти на светот со вкупни инвестиции од околу 40 милијарди долари. Должината на коридорот е 3.500 километри и вклучува развој на нафтеното поле Шах Дениз-2, Јужнокавкаскиот гасовод, Трансанадолскиот гасовод ТАНАП и Трансјадранскиот гасовод (ТАП).
На церемонијата на промоцијата учествуваа претседателот на Азербејџан, Илхам Алиjев, генералниот секретар на ОПЕК, Мухамед Баркиндо и претставници на многу други европски земји.
На церемонијата, Алиjев рече дека овој проект значително ќе придонесе за регионалниот развој. Тој, исто така, истакна дека проектот е развиен во соработка со Турција, Бугарија, Грузија, Грција, Албанија и Италија. Тој додаде дека Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора ќе се придружат на проектот подоцна.
„Во моментов имаме 2,6 милијарди кубни метри природен гас, но мислам дека тој број изнесува дури и повеќе од тоа. Сакаме да продаваме повеќе плин за Европа. Тоа е најважниот пазар за нас. Јужниот гасен коридор трајно ја промени енергетската мапа на Европа“, рече Алијев.

ТАНАП е најголемиот дел од Јужниот коридор, со должина од 1.850 километри и 16 милијарди кубни метри капацитет на природен гас. Неговото прво снабдување со гас ќе биде на 30 јуни.
Турскиот амбасадор во Баку, Еркан Озорал, ја прочита пораката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на церемонијата во која тој го поздрави проектот како добар пример за регионални и меѓусебни односи.
Ердоган изјави дека Европа и САД го поддржале проектот кој ќе создаде диверсификација во залихите на природен гас за Турција и Европа.
Турција на 12 јуни ќе одржи церемонија за отворањето на ТАНАП со учество на Ердоган, Алијев, како и на други лидери на европските земји.