Ekipa
04 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
ЈАНГОН (АА) - Безбедносните сили на Мјанмар за кратко време убија десетици муслимани Рохинџа во Аракан, во дводневното казнување на прогонуваната група во август, објави вчера американската меѓународна невладина организација за човекови права „Human Rights Watch“ (Хјуман рајтс воч), јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението за медиумите, групата за меѓународни права соопшти дека сведоците пренеле оти мјанмарските војници ги тепале, сексуално ги нападнале, избоделе и убиле селани кои поради безбедност се собрале во селото Маунг Ну во областа Мундау на 27 август.
„Сите ужаси на злосторствата на мјанмарската војска против човештвото, против Рохинџите, можат да се видат во масовните убиства во селото Маунг Ну“, изјави заменик-директорот на „Human Rights Watch“, Фил Робертсон.
Групата соопшти дека сателитските снимки покажуваат оти Маун Ну и блиското место Хпаунг Тау Пјин се уништени, но не можело да се потврди колкумина селани загинале.
„Овие злосторства бараат повеќе од зборови од засегнатите влади; потребен е конкретен ефективен одговор“, рече Робертсон.
ХРВ интервјуираше 14 преживеани лица и сведоци од Маун Ну и од околните села, кои се засолнија во соседен Бангладеш.
Сведок за ХРВ изјави дека масакрот се случил на 27 август, кога стотици Рохинџи се засолнале во Маун Ну бидејќи се плашеле од воен продор.
Според ОН, од 25 август, околу 507.000 Рохинци пребегале од Аракан во Бангладеш.
Араканските муслимани Рохинџа веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуваат со нов бран на насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор борба против милитантните групи, мјанмарската војска во изминатите неколку дена сруши најмалку 200 муслимански села, од кои стотици илјади жители беа принудени да пребегаат кон соседен Бангладеш.
Поради фактот што во кризното подрачје нема претставници на меѓународните организации, невозможно е да се зборува за прецизен биланс на загинатите во нападите на муслиманските села. Шефот на дипломатијата на Бангладеш, Абул Хасан Махмуд, изјави дека најмалку 3.000 муслимани се убиени од 25 август до денес.