Aşkın Kıyağan
03 Ноември 2020•Ажурирај: 03 Ноември 2020
ВИЕНА (АА) - Во Виена, главниот град на Австрија, синоќа беше извршен терористички напад во кој животот го загубија 3 лица, а 15-мина се ранети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Харалд Сорос, портпаролот на Министерството за внатрешни работи, даде изјава за Австриската информативна агенција (АПА), во која информираше дека во нападот животот го загубиле 3 лица.
Покрај тоа, Сорос соопшти дека за време на вооружениот судир е убиен еден од напаѓачите.
Од друга страна, портпаролот на здравствената установа во Виена, Кристоф Мирау, соопшти дека во нападот се ранети 15 лица, од кои 7 се во тешка здравствена состојба.
- „Напаѓачот е симпатизер на терористичката организација ДЕАШ“ -
Карл Нехамер, министерот за внатрешни работи на Австрија, организираше прес-конференција на која со јавноста ги сподели најновите случувања.
Нехамер рече: „Нашите молитви се за тројцата загинати, меѓу кои е и еден претставник на безбедносните сили, и за 15-мината ранети.“
Посочувајќи дека Австрија веќе 75 години ги одржува основните вредности, како што е слободата на мислата, Нехамер рече дека цел на напаѓачите биле овие вредности.
Нехамер, соопштувајќи дека убиениот терорист користел огнено оружје, а на себе носел уред со лажен експлозив, рече: „Напаѓачот е симпатизер на теористичката организација ДЕАШ. Во моментов во тек е интензивна истрага за напаѓачот.“
Министерот Нехамер ги замоли граѓаните да не ги напуштаат своите домови доколку тоа не е навистина неопходно, потенцирајќи дека треба да се избегнува делот од главниот град во кој е извршен нападот.
Нехамер упати повик до родителите да не ги испраќаат децата во училиште.
Генералниот директор за јавна безбедност, Франц Руф, информираше дека е лоциран домот на убиениот терорист во Виена, додавајќи дека полицијата во моментов го претресува.
Герард Пирстл, началникот на полицијата на Виена, рече дека според последните информации, во нападот животот го загубија 3 лица, а заедно со убиениот напаѓач, бројката е зголемена на 4 мртви.
Од друга страна, Оскар Дојч, претседателот на Австриската еврејска заедница, преку својот профил на социјалните мрежи информираше дека синагогата што се наоѓа во подрачјето на нападот е затворена, додавајќи дека засега не се знае дали синагогата била цел на нападот.
Во нападот е рането и едно лице со потекло од Турција.