Muhammed Enes Çallı
04 Февруари 2023•Ажурирај: 05 Февруари 2023
КИЕВ (АА) – Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Европската Унија (ЕУ) официјално ја поддржува Украинската формула за мир, јавува Анадолу.
Тој истакна дека интеграцискиот процес на Украина во ЕУ продолжува и дека тоа било главната тема за која се дискутирало на Самитот Украина - ЕУ.
„Имаме доста конкретни договори со нашите партнери за тоа како Украина да биде уште поблиску до ЕУ“, рече Зеленски. „Ние ја зачувавме украинската слобода. Ги штитиме вредностите на Украина. И ќе ги постигнеме целите на нашата држава да биде дел од Европа.“
Нагласувајќи дека ЕУ, исто така, дала поддршка за мировната формула од 10 точки, подготвена од Украина минатата година, за ставање крај на војната, Зеленски рече: „ЕУ официјално ја поддржа Украинската мировна формула. Ова е забележано и во завршната декларација од самитот“, рече тој.
Украинскиот претседател истакна дека САД одлучиле да обезбедат дополнителна воена помош за неговата земја, вклучително и ракети со долг дострел кои се лансираат од копно, и му се заблагодари на американскиот претседател Џо Бајден за неговата поддршка за Украина.