Elena Teslova
24 Март 2023•Ажурирај: 25 Март 2023
МОСКВА (АА) - Обидот за повторно преземање на Крим Русија ќе го смета како закана за постоењето на државата, што ѝ дава право да користи секаков вид оружје, вклучително и нуклеарен арсенал, изјави денес заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, пренесува Анадолу.
Одговарајќи на прашањата на корисниците на руската социјална мрежа ВК, Медведев рече дека без помошта на НАТО, режимот во Киев немаше да постои една недела.
„Ако зборуваме за некои сериозни работи поврзани со обидот за враќање на Крим, сум кажал и напишал за тоа, сосема е очигледно дека тоа е основа за употреба на сите средства за заштита, вклучително и оние предвидени со основите на доктрината за нуклеарно одвраќање. Обидот да се откине дел од државата значи посегнување на постоењето на самата држава. Сосема е очигледно дека постојат причини за употреба на секаков вид оружје. Се надевам дека нашите пријатели преку океанот го разбираат тоа“, изјави тој.
На прашањето да ги спореди руската и американската Армија, Медведев рече дека тоа е можно само за време на воен конфликт.
Тој додаде дека не е точно да се каже дека американската Армија е најсилна, а руската втора најсилна сила во светот, бидејќи ако се судрат, нема да има победник - конфликтот неминовно ќе се претвори во нуклеарна војна, а двете земји имаат способности да извршат напад со страшни последици.
„Ќе кажам само едно, што е веќе очигледно. Руската Федерација не е во војна со Украина, нашата земја е во војна со 3,6 милиони претставници на армијата на НАТО. Русија се бори со популација од 800 милиони луѓе, која го снабдува режимот во Киев со опрема, оружје и пари“, додаде Медведев.
Тој исто така рече дека обидите за реформирање на Советот за безбедност на Обединетите нации и одземањето на правото на вето на постојаните членки ќе доведат до крај на таа организација.