Zehra Ulucak
08 Јуни 2017•Ажурирај: 10 Јуни 2017
КАРАКАС (АА) - Во протестите против власта во Венецуела, кои траат веќе неколку месеци, животот го загубија уште две лица, јавува Anadolu Agency (AA).
На протестот што се организира со цел да се откаже барањето на Владата на Венецуела да се напише нов Устав, во Каракас животот го загуби 17-годишниот Неомар Лендер.
Во видеоклипот што се најде на социјалните мрежи, може да се види како медицинско лице се обидува да го врати во живот момчето на кое му тече крв од пределот на градите.
Од канцеларијата на народниот правобранител, преку официјалниот профил на социјалната мрежа, издадено е писмено соопштение во коешто се вели дека според извештајот на аутопсијата, момчето настрадало од рачно изработен експлозив.
Официјалните претставници изјавија дека е започната истрага во врска со смртта на момчето.
Од друга страна, неколку часа по смртта на Лендер, пронајдено е мртвото тело на член на националната гарда.
Рамон Мучачо, претседател на општина Каракас, соопшти дека е познат идентитетот на загинатиот припадник на националната гарда. Станува збор за водник Вилијам Хозе Мендоза.
Мучачо, кој е претставник на опозициските политичари, во врска со настанот изјави: „Го осудуваме секој вид на насилство“.
Сѐ уште не се дадени никакви информации за начинот или местото на убиството на Мендоза.
Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино Лопез, соопшти дека и покрај повикот членовите на армијата да се воздржат од употребата на прекумерна сила, стотици полицајци и членови на националната гарда користат солзавец против демонстрантите.
Илјадници лица секој ден излегуваат на протестите во Венецуела, кои веќе влегоа во третиот месец од започнувањето. За време на овие протести, животот го загубија повеќе од 60 лица.
Јавниот обвинител на Венецуела, Луис Ортега Диаз, претходно беше соопштил дека е неприфатлива одлуката на претседателот, кој потпиша декрет со којшто се бара да заседава Народниот парламент, со цел да се напише нов Устав на Венецуела. Но и покрај тоа, претседателот Мадуро соопшти дека ќе го продолжи рокот за пишување на новиот Устав.
Недостигот на храна во земјата, високата инфлација и зголемениот процент на криминал, се причина за пораст на незадоволство кај народот. Владата на Венецуела којашто го контролира Врховниот суд, а е раководена од страна на претседателот Николас Мадуро, соопшти дека на 31 март му се одземени сите ингеренции на Конгресот. Ваквата одлука предизвика револт кај народот, кој излезе на улични протести.
Опозицијата ги обвинува безбедносните сили и провладините милиции за смртта на демонстрантите, бидејќи употребуваат прекумерна сила врз народот. Од друга страна, Мадуро изјави дека претставниците на екстремната десница, кои се приклучиле во протестите, соработуваат со криминални банди и го поттикнуваат насилството.