Alma Dekovıc
30 Декември 2019•Ажурирај: 31 Декември 2019
СТОКХОЛМ
Сванте Тунберг, таткото на 16-годишната активистка Грета Тунберг, смета дека е лоша идејата што неговата ќерка станала една од водечките фигури на светското движење за заштита на животната средина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тој за „Би-би-си“ (BBC) рече дека не го поддржувал отсуството на неговата ќерка од училиште за да му се приклучи на климатскиот штрајк.
Сванте Тунберг додаде дека Грета е многу среќна откако станала активистка, но истакнува дека е загрижен поради омразата со која сега се соочува.
„Мислите дека не е обична бидејќи е многу славна и слично. Но за мене таа е едно обично дете кое може да прави сè што прават и останатите. Таа танцува, многу се смее и многу се забавува. На многу добро место е“, откри нејзиниот татко.
Тој рече дека особено го загрижуваат „лажните вести и сè што луѓето се обидуваат да измислат за неа“, како и омразата што со себе ја повлекува тоа.
„Меѓутоа, таа многу добро се носи со тоа. Искрено, не знам како, но нејзе сето тоа ѝ е смешно“, истакна Тунберг.
Откри дека во една прилика Грета ги обвинила родителите, кои и самите се залагаат за заштита на човековите права, дека се „големи лицемери“.
„Бидејќи климатското прашање не сме го сфатиле сериозно, нè запраша: ‘За чии права се залагате?’“, рече Сванте Тунберг.
Тој истакна дека Грета е дополнително охрабрена поради тоа што сите фамилијарно почнале да делуваат еколошки поприфатливо, бидејќи неговата сопруга престанала да патува со авион, а тој станал веган.
„Знам дека сè што правев е исправно... Но не го правев тоа за да ја сочувам климата, туку своето дете. Имам две ќерки и да бидам искрен, само тие ми се битни. Сакам да бидат среќни“, порача Тунберг.
Изрази надеж дека со време нештата ќе станат помалку интензивни за неговото семејство и смета дека Грета навистина сака да се врати во училиште.
Тој додаде дека Грета наскоро ќе наполни 17 години и дека нејзе повеќе нема да ѝ биде потребна неговата придружба во текот на патувањата.
Грета Тунберг во август 2018 година започна да протестира пред Парламентот на Шведска за да направи притисок на тамошната власт да ги преземе потребните мерки во рамките на борбата против климатските промени.
Оттогаш предводи голем број протести против климатските промени. Магазинот „Тајм“ (Time) ја прогласи за личност на годината, а беше и кандидатка за Нобеловата награда за мир.