Betül Yılmaz
15 Ноември 2025•Ажурирај: 16 Ноември 2025
ГАЗА / ИСТАНБУЛ (АА) - Обилните дождови денес поплавија десетици шатори во кои се сместени раселени Палестинци во Хан Јунис, во јужниот дел на Појас Газа, известува Анадолу.
Цивилната одбрана на Газа соопшти дека нејзините тимови реагирале на ситуацијата откако десетици шатори во бегалските кампови биле поплавени од поројните дождови во неколку области на Ал-Маваси, во западниот дел на Хан Јунис.
Од петокот наутро Појасот Газа е зафатен од студено време и обилни дождови, што ги влошува страдањата на 1,5 милиони раселени Палестинци во енклавата разурната од војната.
Според проценките на Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа, 93%, односно 125.000 од вкупно 135.000 шатори на раселените лица повеќе не се погодни за живеење поради временските фактори и нанесените оштетувања во израелското бомбардирање.
Израел продолжува да го блокира влезот на материјали за засолништа, како што се шатори и мобилни куќи, прекршувајќи ги своите обврски од договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 10 октомври.
Првата фаза од договорот за прекин на огнот, заснована на планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучува ослободување на израелски заложници во замена за палестински затвореници. Планот, исто така, предвидува обнова на Газа и воспоставување нов управувачки механизам без Хамас.
Израел уби повеќе од 69.000 Палестинци во Газа, претежно жени и деца, од октомври 2023 година и ја претвори во урнатини.