Şengül Oymak
22 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
КОЏАЕЛИ (АА) - Командата на крајбрежната стража соопшти дека бројот на загинатите по потонувањето на рибарски брод кој превезуваше мигранти на отворено море кај Коџаели / Кефкен се искачи на 15 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во досегашните операции се спасени 40 мигранити, а спасувачките екипи продолжуваат со работата.
Командата даде писмено соопштение во коешшто се наведува дека на 22 септември 2017 година, во 01.35 часот добиле повик за помош, откако еден трговски брод на 64 морски милји од подрачјето Кефкен / Коџаели излегол во пресрет на повикот за помош од страна на мал рибарски брод.
По повикот, во подрачјето се упати екипа на крајбрежната стража - еден авион и два глисера на крајбрежната стража. Рибарскиот брод кој илегално пренесувал мигранти потонал во 5.03 часот, по што во кризното подрачје се упати и хеликоптер. Од морето се спасени 40 мигранти, а извлечени се телата на 15 лица.
- Не е спасено бебето на трудницата
Спасените илегални мигранти по акцијата се префрлени на пристаништето во Кефкен, каде што е поставена мобилна амбуланта. Извршен е лекарски преглед на спасените лица, меѓу кои има голем број жени и деца. Подоцна, двајца мигранти во тешка здравствена состојба се префрлени во болницата во Коџаели.
И покрај сите напори на лекарите од Универзитетската болница во Коџаели, бремената жена која била извлечена од морето го загубила бебето.
- Продолжуваат спасувачките активности
Екипите на крајбрежната стража продолжуваат со операцијата за пронаоѓање и спасување на бегалците од потонатото рибарско бротче.
Командата на крајбрежната стража со цел да го спречи илегалниот премин преку морките патишта, спроведува операции во коишто од 13 август до 9 септември годинава, во Црното Море во 7 случаи беа фатени 834 мигранти, спасувајќи ги од смрт. Во операциите се приведени 10 криумчари со мигранти. Освен тоа, во активности заедно со други единици за спроведување на законот и со жандармеријата, во 2 операции се фатени 237 мигранти и 5 организатори на нивниот транспорт.
Со цел да се спречи илегалното пренесување мигранти преку Црното Море, како што тоа се прави во Егејското Море и во Медитеранот, единиците на командата на крајбрежната стража продолжуваат со контролите од море и од воздух, а екипи на полицијата и на жандармеријата спроведуваат операции од копно.