Çiğdem Münibe Alyanak, Sefa Mutlu
06 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
ИСТАНБУЛ
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција се приближува кон бројката од 100 милиони дадени дози од вакцините против коронавирусот и ги повика граѓаните да продолжат да се вакцинираат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган зборуваше на свеченоста организирана по повод почетокот на новата учебна 2021/2022 година во Средното стручно техничко училиште „Султанахмет“ во Истанбул.
Турскиот претседател им го честиташе почетокот на новата учебна година на сите учители, ученици и на нивните родители.
„И покрај потешкотиите предизвикани со пандемијата, една сме од ретките држави во кои не дојде до доцнење или нарушување на процесот на образование во подрачјето на целата земја“, изјави Ердоган и додаде: „Одлучни сме во намерата да го продолжиме образованието лице в лице.“
Ердоган уште еднаш ги повика сите родители на учениците, како и наставниците да се вакцинираат.
Тој исто така нагласи дека спречувањето на ширењето на епидемијата зависи од тоа, сите, а посебно учениците, наставниците и родителите, да се придржуваат до важечките мерки.
Кога станува збор за процесот на вакцинација во Турција, Ердоган изјави дека се приближуваат кон бројката од 100 милиони дадени дози.
„Граѓаните не треба да обрнуваат внимание на негативните информации за вакцините, особено на социјалните мрежи“, изјави Ердоган, уште еднаш повикувајќи ги граѓаните да се вакцинираат.