Dilara Hamit
05 Декември 2022•Ажурирај: 06 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије се координира со своите сојузници, но не бара ничија дозвола за нејзините безбедносни операции во Сирија, изјави портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ние не бараме дозвола, ние само се координираме со нашите сојузници кога се соочуваме со закана по националната безбедност“, рече Калин во интервјуто емитувано од катарската телевизија Ал Џезира вчера.
„Во однос на политичката ситуација во Сирија, секако, таа останува извор на закана и неизвесност за сите, не само за нас, туку и за Ирак, за Јордан, и за другите земји, (и) Европа итн.“ додаде Калин.
Минатиот месец Туркије ја започна операцијата „Канџа-меч“ во северен Ирак и Сирија, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ПКК/ЈПГ, која има засолништа близу ирачката и сириската граница со Туркије, каде што планира напади на турска територија.
Операцијата беше започната неколку дена откако терористичката организација изврши бомбашки напад на познатата улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа шест лица, а 81 беа повредени.
Откако на 20 ноември започна воздушната операција, претседателот Реџеп Таип Ердоган исто така сигнализира и можна копнена операција во северен Ирак и северна Сирија за да се елиминира заканата од тероризмот.
Калин објасни дека првичниот одговор на Туркије по нападот „бил координирање и спроведување на голем број воздушни операции“.
„Многу јасно утврдивме дека зад овој напад стои ЈПГ/ПЈД. Го имаме лицето кое ја донесе бомбата и го изврши нападот, но и луѓето кои го олесниле доаѓањето на тоа лице, женско лице“, рече тој.
„Во последниве години, ПКК ја промени својата тактика. Наместо да користат Сиријци, или да речеме Курди или други, тие користат други луѓе од различни националности. Некако да се прикријат“, додаде тој.
Калин ги отфрли тврдењата дека турските воздушни напади ги загрозиле американските војници, повторувајќи дека Анкара не цели на цивили, ниту американски или руски војници.
„Имаме механизам за деконфликт со Русите и Американците. Ние не гаѓаме руски или американски војници или воени пунктови во Сирија или на кое било друго место. Нашите цели се елементите на ПКК/ПЈД/ЈПГ, и им порачуваме да се држат настрана од тие елементи“, рече Калин.
„ПЈД/ЈПГ во еден момент го користи американското знаме, во друг момент знамето на (сирискиот) режим за да се заштити ... понекогаш тоа го прават со Русите, помалку во последно време, туку во минатото“, додаде тој.
Калин, исто така, истакна дека според договорот потпишан во 2019 година, САД требаше да ги натераат терористите на ЈПГ/ПКК да се повлечат на 30 километри оддалеченост од турската граница, но договорот никогаш не е инплементиран.
За политичката ситуација во Сирија, тој рече дека Анкара „ќе продолжи да ја поддржува легитимната сириска опозиција... и покрај фактот што речиси целиот свет ги заборави“, вклучително и САД, Европа и многу арапски земји.
Во врска со можната средба меѓу претседателот Ердоган и сирискиот лидер Башар ал Асад, Калин рече: „Немаме непосреден план за таква средба, но нашиот претседател всушност испраќа порака: Ако се однесувате одговорно, ако ги решите безбедносните грижи и дозволите политичкиот процес да оди напред, тогаш би можел да бидам подготвен да го преземам тој чекор.“