Ahmet Sait Akçay
16 Декември 2017•Ажурирај: 17 Декември 2017
ХАТАЈ (АА) - И покрај изминатите години, сириската бегалка која дојде во Турција, сеуште ја прогонуваат ужасите од нејзиното минато, кои ги преживеала од режимот на Башар ал-Асад.
Муна Б. (33) две години живее во подрачјето Рејханли во турската југоисточна област Хатај.
Пред да замине за Турција, таа била уапсена и затворена во Дамаск, откако нејзиниот сопруг поминал две години во притвор и таму починал од тортура.
Сиријката која е мајка на две деца сеуште се бори за живот и се обидува да ги заборави болните сеќавања.
Споделувајќи ја својата приказна во разговор за Anadolu Agency (AA), таа се присети: „Имавме тежок живот две години. Не изгубивме надеж се додека не ги слушнавме вестите за смртта на мојот сопруг“.
„Не го ни дадоа неговото тело. Немавме никој на кого да се потпреме. Изгубивме многу од нашите роднини за време на граѓанската војна“.
Таа одлучила да го напушти регионот со нејзните деца за да пронајде безбедно место, но била притворена од режимските сили кои ја однеле во истиот затвор каде што нејзиниот сопруг бил измачуван.
„Бев однесена во самица и подложена на различни тортури. Немав храна. Ми беа дадени електрични шокови и бев тепана со железни решетки“, вели таа.
Потоа следуваа понатамошни ужаси, во вид на силување.
„Најлошо беше силувањето. Во подземна ќелија трпев ужаси со недели“.
„Никогаш нема да ги заборавам тие денови“, додаде таа.
Таа поминала речиси седум месеци во затвор пред да биде ослободена како дел од размена на затвореници.
Таа сега работи за да ги одгледа нејзините две деца кои се на возраст од 11 и 13 години и живее во изнајмувана куќа од страна на хуманитарната турска група ИХХ.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост на про-демократските протести. Оттогаш, според ОН, повеќе од 250,000 лица се убиени а над 10 милиони лица се раселени.
Турција во моментот е домаќин на 3,2 милиони сириски бегалци, повеќе од било која земја во светот.