Burak Bir
22 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
АНКАРА (АА) - Вкупно 35 странски, меѓу кои и двајца турски државјани, ги загубија своите животи во вчерашните терористички напади во Шри Ланка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во вкупно осум експлозии на различни локации во и надвор од главниот град Коломбо животот го загубија најмалку 290 лица, а над 500 се повредени.
Турција, Велика Британија, Данска, Индија, Холандија, Кина, Австралија и Португалија се меѓу земјите кои досега потврдија дека има жртви кои се нивни државјани.
Нападите се случија во цркви во Кочхикаде, Негомбо и Батикалоа, како и во хотелите „Шангри Ла“, „Синамон гранд“ и „Кингсбери“ во главниот град Коломбо.
Меѓу жртвите се двајца државјани од Турција, осум од Велика Британија (двајца од нив со двојно државјанство, и американско), тројца државјани од Данска и тројца од Индија, како и еден од Португалија, Холандија, Кина и Австралија.
Полицијата извести дека синоќа се случил напад со Молотов коктел во џамија во северозападниот дел на градот Путалам, а имало и подметнување пожари во две продавници во сопственост на муслимани во западниот дел на градот.
Националноста на останатите 15 лица допрва треба да биде објавена.
Во меѓувреме, официјалните претставници на Шри Ланка не споделија никаква информација во врска со идентитетот на починатите.